
Рускиот милијардер Дмитриј Босов е најден мртов во средата во неговиот дом во Одинцово во Подмосковската област, соопштиле за медиумите извори од истражните органи кои наведуваат дека станува збор за самоубиство на 52-годишниот косопственик на компаниите за производство за јаглен „Востокугол“ и „Сибантрацит“.
„Во својот дом во подмосковското село Усово, Дмитриј Босов си го одзел животот“, го цитира агенцијата ТАСС неименуваниот соговорник близок на истрагата.
Засега Истражниот комитет за московскиот регион официјално не го потврдува идентитетот на жртвата, а нејзините портпароло за медиумите само потврдиле дека е „започната истрага во врска со смртта на 53-годишен локален жител… чие тело денеска е пронајдено од роднините…“.
Во медиумските извештаи се наведува дека иследниците вршат увид на самото место и ги интервјуираат роднините на покојникот. Додаваат дека засега не се утврдени причините за самоубиството на милијардерот, и оти засега не е најдена проштална порака.
„Роднините на Босов потврдуваат дека тој бил сам и оти си го одземал животот“, рекол соговорникот на агенцијата ТАСС.
Од компанијата „Аллтек“, чиј претседател на одборот на директори бил Босов, ја потврдиле смртта на претприемачот.
„Денеска во Москва трагично загина основачот на групацијата ‘Собантрацит’ Дмитриј Босов. Дмитриј беше извонреден бизнисмен, смел и одлучен иноватор, сигурен партнер, чувствителен и посветен пријател. Неговото заминување претставува огромна загуба за сите што го познаваа“, се наведува во соопштението на компанијата.
Руското издание на финансискиот магазин Forbes го рангираше претприемачот Босов на 86-то место на листата на најбогатите луѓе во земјата, со сопственост прценета на 1,1 милијарди американски долари.