![culev](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/05/culev-2.jpg?resize=681%2C384&ssl=1)
Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев во гостувањето во емисијата „Заспиј ако можеш“ истакна дека со видео спотот тој сакал да се заблагодари на полицијата која понесе голем товар од кризата со коронавирусот изминативе неколку месеци.
Тој посочи дека неговите колеги секојдневно биле изложени на ризици, 16 полициски службеници се заразиле со коронавирусот и заедно со здравствените работници на свој грб го понеле справувањето со епидемијата. Чулев потенцираше дека спотот чини само 300 евра кои морале да се потрошат за да се направи снимката со дрон.
-Јас сум човек кој што нема ниту приватен бизнис, ниту пак има некоја дополнителна дејност. Јас живеам од плата и ја сакам оваа дејност и затоа не сум ја напуштил професијата да одам во приватни води и живеам со оваа професија. Јас кога ќе си дојдам дома ги гледам полициите од цел свет како постапуваат, како се промовираат, како дејствуваат и правам компарација помеѓу странските полиции и она што значи постапување на полицијата во Македонија и користам одредени идеи. Идејата за спотот ми дојде од Република Турција и од САД, во Република Турција таму имаше медицински возила, а во САД имаше нешто слично со полициски возила. Дојдов на идеја такво нешто да се направи и кај нас во Македонија, со многу мал буџет. Идејата ја разговарав со директорот на МРТ, Марјан Цветковски кој што како експерт ми даде одредени сугестии по што јас со колегите од мојот кабинет на кои им должам голема благодарност ја разработивме идејата и ангажиравме надворешен соработник, бидејќи немавме дрон со камера да ни го овозможи снимањето. Целиот спот, авторискиот договор изнесуваше 300 евра во денарска противредност, изјави Чулев.