Не го убивајте стопанството

До каде стигнавме и што не очекува со ваквата преголема активност на нашата ни владеачка гарнитура, позиција и опозиција и новороденчето од пред некој месец т.н. Техничка влада за подготвување на избори. Или ако сакате сите кои нешто би требало да работат и имаат обврски кон оние кои ги гласаа за да ја водат државата.

Козметиката и козметичките техники ги усовршија и сеуште успеваат да шминкаат дел од јавноста. Истото го применуваат и во економијата.

Но, најуспешни се во барањето на лекови и помошни лековите средства за наводно лечење, лечење на последиците и акутните болки, но никако не се наситија и никако да почнаат да бараат лекови за лечење на причините.

И ете денес сме исправени, горди со наведнати глави, обезличени, искасани од сите страни пред она што не очекува некаде во средината на јули или август, кога и ќе поченеме со погребните поворки за многу субјекти во стопанството, белким она истото кое треба и да го одржува тој чиновнички апарат и да му собира и да го полни буџет, како одлична подлога за лечење на фрустрациите и комплексите на многумина во удобните фотељи.

Впрочем,

Кризата се’ повеќе се продлабочува, истата галопирачки преминува од здраствена во економска криза. Нашата и онака кревка економија во овие услови ранета, е целосно пресликана од состојбата во која ни се наоѓа целата држава. Дополнително сега е погодена и од последиците на рестриктивните мерки и мерките на претпазливост кои ги пропишува владата, а кои се целосно на терет на оние кои треба да ги спроведат – стопанството.

Владата не успеа да пронајде сила и двигатели за да навремено и сеопфатно, со подлабока анализа по дејности и гранки, а не козметички да пријде кон сите особено кон оние дејности и гранки, кои преку ноќ се соочија со неработа или со значајно намалување на активностите, вклучувајќи ги и граѓаните који живеат од месечните примања вработени во стопанството, лица со социјална помош, социјално загрозените групи на граѓани.

Досегашните неколку мерки по принципот еднакво за сите не ги постигнаа целите, а и не се неприменливи за сите. Односно помошта со услов не ги даде очекуваните резултати, многу мал процент од стопанските капацитети посегнаа по тие условени мерки или т.н. помош.

Оттаму излегува потребата за изнаоѓање на соодветна стратегија на што ќе се базира програма за реализација на макроекономски мерки за да може спојот помеѓу стопанството како создавач на вредности и најголемиот трошач, државниот апарат, да преживеат и продолжат да функционираат.

Не дозволувајте му да умре на стопанството кое во најголемиот дел е со комплетна намалена активност во овој период, токму тоа е она кое утре ни треба на сите нас…

Автор: Јане Вангеловски за НетПрес