Деветнаесет морнари загинаа, а 15 се повредени во „пријателски оган“ во инцидентот во кој учествуваа два ирански воена брода, потврди иранската морнарица.
Иранските државни медиуми објавија дека тешкиот инцидент се случил во Оманскиот Залив при тестирањето на нов проектил, кога бродот „Џамаран“ погодил придружен брод.
„Бродот ‘Конорак‘ е погоден од проектил за време на воена вежба во водите на Бандар-е Џаск. Бродот бил погоден откако ја поставил тренинг-целта на својата позиција, при што не се оддалечил доволно од целта“, објави државната телевизија.
Иран редовно одржува воени вежби во Ормускиот Проток, тесното грло во Персискиот Залив, низ кој поминуваат 20% од светската нафта.