
Зоран Заев е човек кој што си го пцуе сопствениот народ, а оној кој тргнал против сопствениот народ никогаш не поминал добро, а нема да помине ниту Заев, изјави денеска Димче Арсовкси, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– Објавените аудио записи во медиумите за Зоран Заев се уште една потврда дека на крајно лицемерен начин ги манипулирал младинските движења, односно студентското и средношколското, со тоа што директно ги контролирал и влијаел врз нивните одлуки. Токму на ова место се наоѓа Студентскиот парламент, студентска организација чиј интегритет го урна Зоран Заев преку своите платеници за кои и сам призна дека ги финансирал и дека биле негови. Како на пример Ивана Туфегџиќ, која 3 години нема збор кажано за правата на студентите и средношколците. Впрочем, тоа и беше намерата на Туфегџиќ, исто како и на Зоран Заев, единствено да дојде на власт и да седне во фотелја која што ќе ѝ биде удобна и нема да мисли на никој друг и на ништо друго – рече Арсовски.
Според него, кога вели Зоран Заев „сите организации се мои“, најверојатно мисли дека се негови само затоа што самиот лично ги финансирал и ги плаќал истите.
– Истите тие кои се декларираа како лидери на организациите и на движењата и кои дивееја и кршеа државен имот низ држава за време на тие протести. А, истовремено заведуваа и стотици недолжни студенти и средношколци, а да не заборавиме дека во овој ист кош се и дел и од професорите кои ги заведуваа и манипулираа студентите, кои денес важат за професори кои имаат антинационални настроени интереси. Лицемерието кое го гледаат граѓаните, а особено младите, идната интелигенција на оваа држава која што треба да севгради и развива тука, е доволна причина да не размислуваат истите тие млади луѓе за градење на иднината тука во Република Македонија. И да размислуваат за фаќање на првиот авион за да избегаат од држава – додаде Арсовски.
Тој истакна дека Заев е лицемерието и злото во Република Македонија и дека мора уште веднаш да си оди од политиката, за да се спасат државата и граѓаните од него.
Арсовски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ има направено анализи, има подготвено одредени поенти кои што ќе бидат утре дискутирани на лидерската средба организирана од страна на Стево Пендаровски по што ќе излезат со став лидерите на партиите, како и претседателот.