Вработените во Институт за јавно здравје два месеца немаат плати, а Владата набавува морска риба и скап алкохол

Додека Владата и техничкиот премиер Оливер Спасовски трошат „на ангро“, распишуваат милионски тендери и делат бизниси во четири очи стотина медицински лица вработени во Институтот за јавно здравје два месеци немаат земено плата, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата и Спасовски наместо да се грижат за лекарите и пациентите ги оставаат луѓето кои се во првите борбени редови без основни средства за егзистенција. Вработените во Институтот за јавно здравје, кои се дел од целиот процес на тестирање од коронавирус и секојдневно се во служба на граѓаните во екот на најголемата здравствена криза во државата немаат ни за леб. За стотина медицински лица вработени во Институтот за јавно здравје нема ниту плата ниту здравствено и пензиско осигурување за месеците март и април. Стотина вработени во Институтот за јавно здравје немаат здравствено осигурување во ек на корона, вели Костовски.

Додаде дека владејачката партија СДСМ со ваквите потези покажува крајна недоговорност.

Владата и Спасовски имаат пари за морска риба, октоподи, шкампи и бранцин, за скап алкохол и за половина милион шолји кафе и апетисани за функционерите, но немаат за вработените медицински лица во Институтот за јавно здравје. Владата на СДСМ има пари за нови огласи за полнење на јавната администрација со партиски кадар, но нема за плати на луѓето кои го жртвуваат својот живот за да спасат живот на илјадници наши сограѓани. Владата на Спасовски ќе овозможат непречено патување и шетање на функционерите во странство кои ќе можат да трошат народни пари, но не да даваат за плати за лекарите, медицинските сестри и болничарите од Институтот за јавно здравје. Криминалната влада на Заев водена од Спасовски има пари за се. Само за лекарите не. Приоритет на оваа влада не се граѓаните, туку функционерите. Тоа наскоро ќе биде минато, рече Костовски.