Пендаровски: Зошто Владата дала дозвола за медицински канабис на синот на Боро Марлборо?

Претседателот на државата Стево Пендаровски побара образложение од Владата зошто фирма чиј управител е синот на поранешниот градоначалник на струмичко Ново Село Боро Стојчев, познат под прекарот Боро Марлборо, осуден за шверц со цигари, добила лиценца за одгледување канабис за медицински цели.

– Ја видов таа уредба и побарав образложение од Владата, таа или слични такви зошто баш сега се донесени. Па плус прашање зошто на тој човек му се дадени, споменуван сега во медиумите како човек кој се бави со некаква недозволена трговија и шверц на цигари – рече Пендаровски во Отворено студио на ТВ 24.

На 13 мај 2020 година во Службен весник е објавена одлука за давање согласност на решението за давање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на Друштвото за производство, тргови и услуги Еко енерџи-космос ДОО од селото Зубово, Ново Село.Одлуката е потпишана од заменичката на претседателот на Владата, Радмила Шекеринска.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 го запраша портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, дали е информиран дека Владата на СДСМ во време на пандемија кога граѓаните ги губат своите работни места, доделува лиценци за одгледување на марихуана, а меѓу другите и на синот на поранешниот градоначалник на Ново Село од СДСМ Боро Стојчев, кој беше осуден за шверц на цигари.

– Дали знаете дека вашата Влада во време на пандемија доделува неколку лиценци за одгледување на канабис? Дали знаете која е едната лиценца? Еко енерџи комсос ДОО село Зубово, Ново Село. Дали знаете кој е управител на таа фирма? Перо Стојчев, син на вашиот кадар кој што беше осуден за шверц на цигари, Боро Стојчев. Поентата ми е дека и во време на вонредна состојба, во време кога граѓаните не знаат како ќе се справат со целава криза, во време кога граѓаните остануваат без работен однос и немаат примања дома, вие како СДСМ и како Влада носите одлука за доделување лиценца на фирма која што е блиска до СДСМ. Толку ви е дојдено до здравјето на граѓаните – рече Арсовски.