Во Австралија почина најмладата жртва на коронавирусот

. (Photo by PETER PARKS / AFP)

Австралија ја забележа најмладата жртва на својата територија од Covid-19, а станува збор за 30-годишен маж со претходни здравствени проблеми кој починал во Квинсленд, откако со денови имал симптоми но не се тестирал, соопштија локалните власти во средата.

Со овој последен случај, бројот на починатите во епидемијата од коронавирусот во Австралија изнесува вкупно 103 лица, од повеќе од 7.100 заразени.

Австралија е една од земјите коишто најуспшешно го ограничија ширењето на новиот коронавирус, што властите го припишуваат на раното воведување рестриктивни мерки, мерките за социјално дистанцирање и сеопфатното серолошко тестирање.

Властите ја проверуваат можноста од поврзаност меѓу починатиот 30-годишник и туристичкиот крстосувач „Ruby Princess“ кој во март вплови во пристаништето во Сиднеј и кој се смета за одговорен за најголемиот епицентар на епидемијата во оваа земја, соопштија функционери.

„Пред смртта покажувал симптоми, но исто така боледувал и од други заболувања. На коронавирусот бил позитивно тестиран во текот на обдукцијата. Неговата партнерка, исто така, почнала да покажува симптоми на болеста и се наоѓа во изолација“, изјави премиерката на сојузната држава Квинсленд, Анастејша Палашчук.

Од почетокот на седмицата Австралија постепено се враќа во нормалното живеење, со повторно отворање на училиштата, но неколку државни и територијални граници и натаму се затворени. Тоа предизвикува политички тензии откако фокусот почна да се насочува на повторното придвижување на замрената економија на земјата, којашто се соочува со првата рецесија по три децении.

Австралискиот премиер Скот Морисон ги повтори ставот на сојузната влада, дека не се издадени насоки за сојузните држави и натаму да ги држат затворени своите граници.