Лекарите од Градска болница предупредуваат на наплив од пациенти со Covid-19

Со најтешка клиничка слика во последните два-три дена доаѓаат заразени пациенти со коронавирусот во Градската општа болница „8-ми Септември“. Директорот, д-р. Христијан Костов за Фактор потврди дека новите пациенти кои ги хоспитализираат, за 24 часа завршуваат на респиратор.

„Има наплив на новозаразени во ГОБ „8 Септември“, односно во тријажниот центар на болницата. Ситуацијата е навистина тешка, особено поради фактот што во последните два-три дена тука се хоспитализираат 6 до 8 позитивни на Ковид-19. Загрижува фактот што заболените само по 24 часа мора да бидат ставени на респиратор, бидејќи многу брзо развиваат тромбемболија, а од тоа тешко некој може да се спаси, вели д-р. Костов за Фактор.

Појаснува дека во моментов има 8 пациенти кои се на респиратор и дека остануваат слободни уште 15 респираторни апарати, нагласувајќи дека оваа болест е голема енигма и дека постојано се менуваат лекарствата и терапиите.

извор: faktor.mk