Тортура во затворот „Идризово“

Народниот правобранител Иџет Мемети констатирал тортура во затворот „Идризово“, пренатрупаност во другите затвори, лоши сместувачки услови, отсуство на хигиена, неквалитетна исхрана и несоодветен здравствен систем, пишува Вест.

Во извештајот е наведено дека имало ограничување на правото на слобода на движење, особено кај припадниците на ромската заедница на граничните премини на Македонија.

-Констатиравме систем на заштита во управното право, кој не обезбедува ефективна заштита, како и исклучително лошо административно работење на управата и на управното судство, со исклучително лоша комуникација. Нееднаков третман од градоначачниците кон вработените и поради политичка припадност, рече Мемети.

Во извештајот е наведено дека загрижуваат појавите на изгубени предмети во Агенцијата за катастар, блокирани сметки на граѓаните, спротивно на Законот за извршување, насилството врз децата во семејството, во училиштето, а имаше и појави на насилство меѓу децата од различни етнички заедници во и надвор од училиштето.

-Установите за заштита на децата не функционираат, односно штитениците им бегаат, а тие не реагираат. Паричните средства од социјалната заштита не се исплаќаат редовно, потенцираше Мемети.

Канцеларијата на Народниот правобранител во 2013 – та година постапила по 4.599 претставки.