
Во оние општини каде што нема целосен полициски час, на сила е забраната за одење на гробишта по повод празникот Духовден.
Токму од тука ширум земјава полицијата седи пред гробиштата, и ги спречува верниците да одат. Таков е случајот и со Битола од каде е оваа фотографија.
Министерот Венко Филипче пред неколку дена истакна дека се забранува посета на гробиштата, како потенцијална опасност да се собираат многу луѓе, и со тоа да се рашири коронавирусот.
Од друга страна, во битолските цркви денеска се вршеше опевање на мртвите за Задушница, но се спроведуваа и мерки за ред и заштита на верниците од коронавирус, јавува Сдк.мк и истакнува дека во дел од храмовите беа поставени редари, кои ги упатуваа присутните на кое место да застанат и да ги постават пченицата, виното и лебот, притоа запазувајќи да има дистанца од еден до друг по метар и пол до два.