АВМУ: Да не се фаворизираат медиуми при споделување информации за ковид-19

Агенцијата за аудио и аудиовизеулни медиумски услуги денеска упати апел да не се фаворизираат медиуми при споделување информации поврзани со бројот на заразени од ковид-19

– Поради појавата на непроверени и нецелосни информации поврзани со бројот на заболени од ковид-19 во државава, потсетуваме дека во ваква ситуација точното и навремено информирање на граѓаните е врвен приоритет и од суштинско значење за јавниот интерес. Воедно, забележана е практика надлежни здравствени институции да фаворизираат одредени медиуми и тие први да ги добиваат информациите поврзани со коронавирусот. Агенцијата повторно апелира надлежните органи да дистрибуираат целосни информации до сите медиуми истовремено и на сите да им овозможат еднаков пристап до нив. Во спротивно, тие можат да станат потенцијален извор на дезинформации – соопшти АВМУ.

Истовремено, ги повикуваат медиумите, имајќи ја предвид нивната општествено одговорна улога, при своето работење да се водат од професионалните новинарски стандарди и принципи, а не од принципот на ексклузивитет.