Грција загрижена: Најголем број на заразени со Ковид-19 по релаксирањето на мерките

Грчките здравствени власти во понеделникот објавија нови 97 случаи на коронавирус во последните четири дена, од кои 52 од неделата што е алармантно покачување на заразата откако земјата ги укина повеќето ограничувања наметнати во март.

Според властите, 30 случаи од 97 се однесуваат на патници кои доаѓале од странство и 29 на жители на општина Ксанти, во северо-источна Грција.

Вкупниот број на потврдени случаи сега изнесува 3.049, вклучувајќи и 182 смртни случаи од 26 февруари кога беше дијагностицирана првата инфекција. Грција беше во целосна блокада од 23 март до 4 мај и во изминатиот месец постепено се укинаа ограничувањата во финансискиот и социјалниот живот.

„Секој што мисли дека се ослободивме од коронавирусот греши“, предупреди шефот на цивилната заштита Никос Хардалиас и ги повика граѓаните да останат внимателни и да ги чуваат правилата за хигиена, вклучително и социјалното дистанцирање.

„Вирусот е во пад, но тоа не значи дека го нема“, додаде тој.

Властите алармираат за неколку случаи кога правилата беа кршени во текот на викендот. На популарен бар на Миконос му беше наредено да затвори во период од 60 дена заради кршење на наметнатите правила за социјално дистанцирање за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас во понеделникот предупреди дека националните власти ќе наметнат ново заострување во регионите што не ги почитуваат правилата наметнати од коронавирус.

„Ќе наметнеме повторно затворање на регионите ако видиме проблем некаде, без разлика дали е во соседството, или здравствена установа или училиште. Може дури и да се однесува на географска област, остров или префектура. Сè е во опција. Коронавирусот не исчезна. Не треба да ги релаксираме нашите мерки на претпазливост “, додаде тој, зборувајќи во интервју за телевизијата СКАИ.