
Синоќа измина и последниот ден од вонредната состојба,што претставуваше и основниот услов за замрзнување на изборните дејствија во пресрет на претстојните парламентарни избори. Но, дозволете да бидам прецизен – со формалното завршување на вонредната состојба, за жал, ние влегуваме во уште поголема состојба на политичка вонредност која се заканува да прерасне и во политичка криза која барем во овој момент апсолутно не ни е потребна! – изјави на денешната прес конференција, Бујар Османи, портпаролот на ДУИ и Вицепремиер во Владата.
Ја пренесуваме во целост прес конференцијата:
Да тргнам со ред, претстојните парламентарни избори не се закажани сега, туку уште минатата година, кога со политички консензус беше утврден 12 април како соодветен датум за сите политички фактори. Во меѓувреме, неочекувано нè пресретна длабока епидемиолошка и здравствена криза наречена КОВИД19, која со себе повлече и длабоки социјални и економски последици кои мораа итно да бидат адресирани. Повторно со широк консензус, а преку вонредната состојба на Претседателот Пендаровски, на Владата ѝ беа доделени огромни ингеренции, ингеренции кои според Уставот му припаѓаат на Собранието, за да ја подготви земјата во справувањето со овие последици. Тоа го направивме најдобро што знаевме и умеевме, тоа го правевме транспарентно, па граѓаните ќе ја имаат можноста на претстојните избори, меѓу другото, да дадат оценка и за оваа наша работа. Тоа е суштината на демократијата и политичкиот натпревар.
Но денес сме исправени пред нов предизвик – како да ја заокружиме оваа неприродна состојба без да предизвикаме нова политичка криза, која повторувам – навистина не ни е потребна! Завршувањето на вонредната состојба не значи дека е завршена пидемолошката закана и потребата за ефикасно справување со последиците од пандемијата, туку напротив, потребна е стабилна и одговорна Влада и политичко мнозинство кое во целост ќе ја преземе одговорноста за сите предизвици кои се пред нас.
Затоа дозволете да потенцирам – изборите денес ни се многу повеќе потребни отколку во декември минатата година кога со консензус одлучивме дека ќе имаме предвремени избори!
Но во исто време, изборите имаат смисла само доколку граѓаните навистина имаат избор да ги изберат претставниците кои ќе ги претставуваат во Парламентот. Демократијата не препознава политички натпревар во кој се натпреварувате сами со себе. Без учество на релевантните политички факторите изборите во овие услови ќе претставуваат само нова политичка криза, која како по правило кај нас потоа се претвора и во институционална криза, за потоа да стане и закана за евентуална
безбедносна криза. Би било исклучително неодговорно ако тоа го дозволиме.
Почитувани, Република Северна Македонија не е исправена само пред предизвикот да се справи со пандемијата, туку и пред долго-очекуваниот почеток на преговорите некаде при крајот на оваа година. Во моментов тоа претставува најголемиот и најважниот стратешки приоритет на државата, за кој секако, барем декларативно, имаме оформено консензус. Нема ништо паметно во тоа овој најважен проект за граѓаните да го загрозиме заради политичка незрелост, заради политичко надмудрување и партиски тактики, ставајќи ги партиските интереси пред стратешките.
Сакам да предупредам на последиците од оваа политичка несериозност, затоа што сè уште има можност, има начин, да не им приредиме на граѓани и на државава нова политичка нестабилност во период кога токму стабилноста ни е најсилното оружје.
Очекувам денес сите политички фактори да ги посочат нивните позиции и предлози за тоа како сметаат дека треба да за ја заокружиме оваа неприродна ситуација, но и да упатам апел до политичките лидери да ги замрзнат изборните тактики и да ѝ дадат приоритет на сериозноста во која се наоѓаме. И без разлика што одговорноста за овој евентуален неуспех е целосно наша, домашна, овој повик сакам да го проширам и до нашите меѓународни пријатели. Тука пред сè мислам на нашите стратешки партнери
САД, како и на нашите непосредни сојузници Европската Унија – чие влијание и пред сè својот авторитет меѓу граѓаните, може исклучително многу да ни помогне да не дозволиме нова политичка криза.