Не потценија и понижија, зарем не? Како никогаш досега. Не, нема да навлегувам во детали од кого се оркестрирани денешните обиди за потценување. Традицијата продолжува и со оваа власт. Само што овој пат може да биде со смртоносни последици. Тоа е кога алчни политичари за власт се обидуваат да не сведат на обични поданици, без право на глас и топовско месо на пандемијата со коронавирусот.
Кога изби кризата со коронавирус, многумина предупредуваа дека ова е моментот што го чекаше власта да ја искористи вонредната состојба за да концентрира неограничени овластувања во свои раце. Ако некој имаше дилеми дека ова нема да се случи, со укинувањето на вонредната состојба во пикот на пандемијата се уверивме дека сепак тоа била целта. Да се протнат одлуки надвор од причините за вонредната состојба.
Вонредната состојба за цело време да ти била политичка состојба. Ништо друго. Во која, за волја на вистината, живееме малку подолго од пандемијава: последните три години. Три години живееме во вонредна состојба во која видовме отсуство на посветеност на власта кон основните принципи на демократијата, игнорирање на основните правила на нашиот уставен систем и неразбирање на основата на која е положена демократијата, а тоа е владеењето на правото.
Жртвувавме три години од нашиот живот во надеж дека ќе биде подобро. А не е, и станува се полошо и полошо. Во текот на последните неколку месеци, многумина од нас се соочија со фактот дека системите за кои мислевме дека се функционални, не се. И нема да бидат. Посебно не со вакви „политички таленти“, слепо посветени на нихилистичкото извршување на власта по секоја цена. Па дури и по цена на човечки животи. Дали сме подготвени да жртвуваме уште четири години со оваа власт, кога гледаме како се во државава се распаѓа? Уште четири години ваква власт, па штетата по македонската демократија ќе биде неповратна
Без вистински политички авторитет, моќта да владее, а сега и политички да преживее, е нешто што Заев и неговите лојални поданици очајно го посакуваат. Неговата фанатична посветеност на лагата, неговиот презир на демократските норми и принципи на владеење и недостатокот на основната политичка пристојност кон политичките неистомисленици, како и неговиот инстикт за политичко преживување преку уцени и застрашување ја доведе државата на работ на нејзиното постоење. Конечно со оваа власт се уверивме дека корупција што регуларно се случува кај нас пред секои избори, не е аномалија на системот, туку есенцијален елемент во функционирањето на контролираната демократија. Затоа ситуацијата со демократијата во Македонија станува се помрачна. Со пандемијата на коронавирусот станува токсична.
Заевизмот се појави во идеолошки хермафродитно општество кое е рамнодушно разочарано и уморно. Со коронавирусот и буквално заразено и болно. Пандемијата на коронавирус обезбеди простор да се нападне транспарентноста, вистината, правото на глас и одговорноста. Велат дека една од карактеристиките на добро водената автократија е тоа што функционерите можат да предвидат што сака лидерот, автократ. Па така, Комисијата за заразни болести предвиде, Владата предложи, Претседателот прифати. Да се оди на избори, без оглед на пандемијата. Ако лагите на Заев беа привлечна и забавна тиранија за многумина, сега стануваат вистинска закана за животот во Македонија. Шарлатанство во маската на политиката.
Бескрупулозно владеење во државава е болештина која се шири како коронавирусот. Болеста може да биде далеку поприсутна отколку што замислуваме. Зашто, природата на злобните луѓе е ненаситна. Па така во екот на разгорување на пандемијата одиме на избори. Изборите немаат цена. Власта нема цена. Затоа Заев претпочита да ја игнорира пандемијата, да ја негира и да ја третира како непријатност што само го нарушува неговиот комодитет да владее. Се надева дека добрите времиња на власта можат да продолжат засекогаш. Ако досега си поигруваше со слабостите на луѓето во политиката, со нивните илузии, апетити, суети, стравови, сега си поигрува со нашите животи.
Изборите што Заев ги посакува во време на коронавирусот ќе бидат обичен политички театар на апсурдот. Обична бурлеска на анти политика, спакувана како политика. Тоа ќе биде спрдачење со демократијата и гласачите, како и се досега. Исмевање на системот, толку привлечен за гласачите што се предадени. Избори без значајна содржина, празни политички пароли и однапред спакувани „политички личности„, без консензус и можен бојкот на најголемата опозициска партија е вистинскиот прикриен пат кон тиранија во Македонија. Дали тоа е „вистинскиот пат“ што посакуваме да го изодиме? Сигурно не. Ама веќе сме тргнати по него.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес