ДУИ: Постигнат консензус и избегната политичка криза

Партијата од владјачката коалиција Демократската унија за интеграција (ДУИ) во соопштение во понеделникот го поздрави постигнатиот консензус, за кој според нив придонел и „меѓународниот фактор“, околу датумот на кој ќе се спроведат одложените предвремени избори по интензивните консултации меѓу политичките партии со што, како што истакнуваат, се избегна политичката криза, по здравствената и економската.

„Консензусот, јавното здравје и избегнување на длабоката политичка криза беше нашиот конзистентен став, затоа што одржувањето на изборите без консензус ќе ја влошеше ситуацијата до недоглед“, се истакнува во соопштението.

Од ДУИ истакнуваат дека постигнувањето консензус меѓу политичките субјекти е темелниот принцип според кој функционира македонското мултиетничко општество.

„Консензусот е нашето базично начело на функционирање на нашето мултиетничко општество затоа што го избегнува надгласувањето и маргинализацијата, додека во овој случај помага и во спречување на политичката криза“, велат од ДУИ.

Ги повикуваат притоа државните институции да ги подготват сите протоколи за максимална заштита на здравјето на граѓаните за време на изборната кампања, а политичките партии доследно да ги почитуваат.

„Демократската унија за интеграција изразува благодарност до меѓународните партнери за нивниот конструктивен ангажман за време на постигнувањето на консензусот“, се истакнува во соопштнието за јавноста.