Пациентите на дијализа остануваат во ГОБ „8 Септември“

На околу 60 болни коишто се дијализираат во ГОБ „8 Септември“ им било најавено дека ќе бидат префрлени во другите центри поради состојбата со ковид-19.  Тие се загрижени  за нивната здравствена состојба како ќе бидат вклучени на дијализа и како ќе се третираат во преостанатите  два центри за дијализа во Скопје, каде веќе има пациенти.

Министерот за здравство, Венко Филипче, во врска со ова денеска одговори:

– Дијализата е проблем во оваа ситуација бидејќи дијализните центри се дневни центри и не може пацинетите кои имаат ковид-19 таму и да се лекуваат. Сите опции ги држиме отворени. Засега, системот ќе продолжи вака. Идејата беше да се заштитат пациентите и целосно да се одвојат пациентите на дијализа коишто се позитивни од оние коишто се целосно здрави и им е потребна дијализа. Со оглед на тоа што се јави и претседателот на здружението Нефрон, засега ќе продолжи вака, но ќе ги држиме сите опции отворени, за да се заштитат пациентите – изјави Филипче.