Над пет илјади смртни случаи од коронаворусот во Шведска

Бројот на смртните исходи од Covid-19 во Шведска надмина во средата 5.000, што е многу повеќе од нејзините соседни земји.

Официјално потврдениот број починати денеска изнесува 5.041, додека во вторникот имаше 4.939 смртни исходи.

Шведска од почетокот на пандемијата спроведуваше поблаги мерки во справувањето со коронавирусот и се потпираше на одговорноста на своите граѓани во физичкото дистанцирање и добрите хигиенско-санитарни услови.

Бројот на смртните случаи во Шведска е далеку повисок доколку се земе предвид бројот на жителите, отколку што тоа е случај со Данска – 598 починати, Норвешка – 242 и Финска – 326 смртни исходи, каде што властите имаа построг пристап кон епидемијата.

Но Шведска има далеку помал број смртни исходи од Covid-19, во споредба со Велика Британија, Италија и Шпанија, каде што, исто така, беа воведени строги карантински мерки.

Според референтните податоци од американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“, Шведска има 53.323 заразени со коронавирусот, Данска има 12.450, Норвешка 8.660 а Финска 7.117 заразени.