Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска ќе престојува во работна посета на Србија, каде што ќе разговара со претседателот Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ за политичката и економската соработка меѓу двете држави, ситуацијата на Балканот и тековните меѓународни прашања. Една од важните теми, како што се очекува, ќе биде прашањето за Косово, за кое Вучиќ во понеделник разговараше преку телефон со рускиот претседател Владимир Путин. Москва е за изготвување компромисно решение прифатливо за Белград, кое мора да го одобри Советот за безбедност на ОН, соопшти Кремљ по разговорите меѓу двајцата лидери.
Вучиќ ќе отпатува за Москва следната недела, каде што ќе се сретне со Путин на 24 јуни и ќе присуствува на воена парада по повод 75-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна. Во пресрет на посетата на Лавров, Вучиќ рече дека „фактот што ја избра Србија за прва посета во странство по присилната пауза предизвикана од пандемијата на коронавирусот“ е „уште една потврда за најблиските пријателски односи и вонредно стратешко партнерство меѓу Србија и Русија“, се вели во кабинетот на српскиот претседател.