Направете го најдобриот избор за Вас – Бидете и вие Кири!

Средното училиште на „Марија Кири – Склодовска располага со осум современи училишни лаборатории опремени со апарати, инструменти, лабораториски прибор и хемикалии за индивидуално изведување на лабораториските вежби и практичната настава. Училиштето има оптичка работилница, реална училишна компанија и кабинет по информатика со најсовремена опрема, посочува Дарко Спасев, актуелен помошник директор и поранешен ученик од ова училиште.

Како што можевме да видиме имате голем избор на образовни профили во хемиско – технолошката струка, струката лични услуги и здравствената струка. Каде има најголем интерес? Како се одбивало запишувањето на учениците во прва година во претходните учебни година? Со колку ученици и со колкав кадар располагате?

Досегашната пракса, особено последните четири учебни години можам да кажам дека има тенденција за зголемување на бројот на ученици. Можам да посочам дека во прва година за настава на македонски наставен јазик во учебната 2016/2017 година запишани се вкупно 68 ученици, во учебната 2017/2018 година запишани се 162 ученици, во учебната 2018/2019 година запишани се 183 ученици и во учебната 2019/2020 година запишани се 230 ученици. По последните неколку години најголем интерес има во здравствената струка, поточно во фармацевтскиот техничар и медицински лабораториско – санитарниот техничар. Во учебната 2019/2020 година, на ниво на училиште за настава на македонски наставен јазик има 647 ученици во 31 паралелка. За паралелките на македонски наставен јазик, училиштето располага со 60 наставници, стручни соработници и раководна служба кои несебично се залагаат за работа со учениците.

Секој полуматурант е во двоумење за изборот на неговиот правец во животот, во овој случај изборот на средното образование. Какви стручни профили ќе им понудите на идните средношколци и дали тие се соодветни за пазарот на трудот?

Да, со особено задоволство можам да кажам дека стручните профили коишто ги има нашето училиште се соодветни за пазарот на трудот во нашето општество. Давам осврт на хемиско – технолошка струка, односно образовните профили хемиски – лабораториски техничар, техничар за козметички и хемиски производи и техничар за заштита на животната средина. Со завршувањето на своето четиригодишно образование, ученици ќе се стекнат со следните квалификации: контролор на отпад и отпадни материи; контролор на емисија на гасови од стационирани извори; хемиски – процесен оператор; оператор на хемиски анализи; контролор на квалитет на вода, производи и материјали; оператор во органско – полимерната индустрија, козметичката индустрија, неорганската и детергентската индустрија; ракувач со машини на амбалажирање, полнење и етикетирање; оператор на микробиолошките и санитарните анализи. Исто така и техничарот за очна оптика од струката лични услуги. Со завршувањето на образованието, ученици се здобиваат со квалификација за оптичари и може веднаш да започнат сопствен бизнис. Овие образовни профили се единствени во Градот Скопје, а истите ги има во многу мал број училишта и на територија на цела држава. Со новите наставни програми во кои се опфатени овие образовни профили кои се изготвени во рамките на Проектот за развој на вештини и поддршка на иновации (СКИЛС проектот), како и согласно Концепцијата за модернизација на техничкото образование, учениците во трета и четврта година практичната обука ќе ја изведуваат кај одредени работодавачи и истата ќе биде платена од страна на државата. Со успешно завршувањето на практичната обука, постои можност и работодавачот да ги вработи истите ученици. Новитет во наставните планови е тоа што започнувајќи од прва година, учениците за време на летниот одмор ќе посетуваат феријална пракса кај работодавачи и ќе се стекнат со дополнителни знаења и вештини. Искрено сметам со завршувањето на средното стручно образование, учениците ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот од причина што овие образовни профили се ретки, а се барани.

Што имате преземено за непречено одвивање на воспитно – образовниот процес?

Нашето училиште во оваа учебна години бележеше педесет годишнина од нејзиното постоење. Располагаме со осум современи училишни лаборатории опремени со апарати, инструменти, лабораториски прибор и хемикалии за индивидуално изведување на лабораториските вежби и практичната настава. Исто така, училиштето има оптичка работилница, реална училишна компанија и кабинет по информатика со најсовремена опрема. Наставниот кадар и стручните соработници перманентно се усовршуваат. Посетуваат голем број обуки, организирани од училиштето, како и од локалната заедница, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука и Министерството за образование и наука. Како раководен кадар, кој раководи со паралелките на македонски наставен јазик во целост се грижам и ги поттикнувам наставници за реализација на наставата преку современи стратегии, методски пристапи и дигитални образовни технологии со секојдневно користење на е – содржини, како и за квалитетното изведување на практичната настава. Од наша страна како училиште во 2017 и 2018 година, со блок дотациите од основачот (Град Скопје), како и од сопствените приходи опремени се сите училници со ЛЦД проектор за непречено одвивање на ИКТ во наставата.

Дали сметате дека родителите влијаат врз запишувањето на учениците? Зашто го прават тоа? Која е Вашата порака до нив?

Малолетните ученици имаат многу голем притисок во изборот на своето образование. Мислам дека родителите сметаат дека нивните деца не се доволно зрели да донесат соодветна одлука. Тоа е голема грешка. Некогаш поради притисокот на родителите, учениците се обврзани да се запишат во училиште и во образовен профил што не го сакаат, па потоа тоа резултира на отпор кон учењето. Во претходните учебни години сме имале такви ученици, каде што поради желбата на родителите, учениците не сакале да одат во училиште, не сакале да учат по одредени предмети и слично. Тука морам да ја пофалам стручната служба која несебично се вложи за разрешување на овие проблеми.

И за крај ќе ја испратам оваа порака до идните ученици: Дојдете и запишете се во ова училиште, нема да погрешите. Образованието е темел на една држава. Најхуманата мисија што секој еден од нас ја има како просветен работник е моделирање на личностите кај младите, кај нашите поколенија. Нема неуспешни ученици, постојат само неуспешни наставници кои не се вложиле себеси за да постигнат резултати. Ви ветуваме дека како и во досегашното пет децениско искуство на училиштето ќе дадеме поддршка во реализирањето на потенцијалите на идните ученици и заеднички ќе се гордееме на успесите. Ќе обезбедиме средина и услови за идните средношколци, кои ќе истражуваат, ќе експериментираат, ќе пронаоѓаат…