
Хрватскиот фудбалер Марцело Брозовиќ направи голем гест и донира 3.000 евра за скопјанката Стаменка Трповска која апелираше за помош поради проблеми со колкот и потреба од операција, а ден подоцна, девојката се огласи на оваа тема.
Во изјава за „Фокус“, Менче не ја криеше радоста, а за фудбалерот вели дека не го познава, но и покрај тоа благодарна му е до небо за неговиот придонес.
„Возбудена сум многу и пресреќна. Иако јас не следам фудбал и не сум слушнала за него, многу сум благодарна за неговиот придонес. Во секој случај, по реакциите на моите блиски, сфатив дека е популарен и добар играч, а сега покажа дека е добар и хуман човек. Би му кажала дека ми го подобри животот со еден негов потег“, изјави Менче.
Девојката во моментов е во Скопје, чека да се смири воспалението на колкот, а потоа ќе размислува да замине за Србија каде треба да ја направи операцијата.