Семејната куќа на Мисајловски двапати е цел на пиромани и вандали

Семејната куќа на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, во која е сместена пекара и млечен ресторан, двапати е мета на вандализам. Исто како и утринава, и во октомври 2017 година пекарата беше опожарена, при што изгоре и целата куќа, но до сега полицијата сѐ уште ја нема завршено истрагата и не се официјализирани причините за пожарот. Тогаш вработените први го забележале огнот кој со голема брзина се проширил и за кратко го зафатил целиот објект.
Во тој период Мисајловски беше кандидат за градоначалник на Ѓорче Петров.

По таа семејна трагедија, утринава околу 3 часот, фрлена е силна експлозивна направа во млечниот ресторан, при што повторно е направена голема материјална штета и во пекарата која е до ресторанот и во семејната куќа во која живеат неговите родители. За среќа, нема повредени, иако за малку е избегнато присуството на вработените во пекарата.
Овој пат сторителите се снимени на безбедносни камери, па полицијата има и докази во расчистување на случајот.

Мисајловски кој е и носител на листата во Изборната единица 2, на Фејсбук објави: „Од власта велат “можеме” , дека сме на “прав пат”, и дека било ” нормално”, но на терен се е поинаку. Околу 3 часот наутро во малата продавница на главната улица во Ѓорче Петров која што моето семејство ја работи со децении, фрлена е експлозивна направа и причинета е материјална штета. Фала му на Бога нема човечки жртви ниту некој е повреден. На свовиден начин се продолжува пироманската традиција откако претходно во текот на изборите 2017та година имаше пожар во мојот дом. Нема да навлегувам што и како, кој е и каква е нарачката. Пораката која ја праќаат до мене пред стартот на кампањата сама си се испишува, ама одговорот е дека нема да ме поколебате, ниту исплашите! Нема потреба од нервоза, промените се незапирливи. Македонија е мојот дом, и јас од него не се откажувам и огромен мотив плус да се сменат работите. И да на крај ќе додадам, Македонија ќе победи“.