Претедателот на самопрогласената поранешна српска покраина Косово и Метохија, Хашим Тачи, го откажа патувањето во американската престолнината каде што требаше под покровителство на Вашингтон на 27-ми јуни да се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, откако во средата Специјалното обвинителство за Косово подигна обвинение за косовскиот челник за сторени воени злосторства, соопшти на Twitter Ричард Гренел, специјалниот пратеник на американскиот претседател во дијалогот меѓу Белград и Приштина.
„Претседателот на Косово само што нѐ извести дека го откажал своето патување во Вашингтон по објавата на Специјалното обвинителство (за Косово). Ја почитувам неговата одлика да не учествува во консултациите сѐ додека не бидат разрешени правните прашања од овие обвинувања“, напиша Гренел.
Во Вашингтон требаше да се одржи првиот круг од преговорите со Србија за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина во кои посредничката улога сака да ја преземе Белата куќа, а која досега ја има Брисел. Според американските медиуми, главниот услов на американскиот претседател за средбата бил укинувањето на стопроцентните косовски царински давачки за српските производи, а Белата куќа според методот на „морков и стап“ на двете страни им нуди поволни кредити за нормализација на односите и меѓусебно признавање или во спротивно се заканува со повлекување на американските трупи од регионот.
Претходно во средата Канцеларијата на специјалниот обвинител за воени злосторства сторени на Косово во војната во 1998/1999 година со седиште во Хаг објави дека поднел обинение за воени злосторства и злосторства против човечноста против косовскиот претседател Хашим Тачи и „другите“, меѓу кои е и поранашениот спикер на косовскиот парламент Кадри Веселеи.
Обвинението по 10 точки е „резултат на долготрајна истрага и го одразува убедувањето на Канцеларијата на специјалниот обвинител, дека може вон разумно сомневање да ги докаже сите обвиненија“, се наведува во соопштението на Хашкото обвинителство. Меѓу другото, тие се обвинуваат за убиства, киднапирања, следења, измачувања и вознемирувања. Одлуката за објаување на оваа информација, истакнуваат од Хашкиот трибунал, се должи на фактот што Тачи и Весели во неколку наврати се обиделе да се мешаат во работата на Специјалниот суд.
Во обвинението се наведува дека Хашим Тачи, Кадри Весели, командантот на контраразузнавачката служба во времето на војната на Косово и кој во моментов е лидер на косовската опозиција, и другите осомничени од обвинението, носат кривична одговорност за речиси 100 убиство, а идентитетот на жртвите, меѓу кои се косовски Албанци, Срби, Роми и лица до други националности, како и политичките противници, е познат.
Обвинителството, исто така, истакнува дека сметало оти е неопходно да се објави јавно соопштение поради „континуираните обиди на Хашим Тачи и Кадри Весели да ги попречуваат и поткопуваат активностите на Специјалните совети за Косово кои ги сочинуваат меѓународно судии. Тие, според Хаг, воделе тајна кампања за да се укине законот со кој Специјалните совети се основани како суд, и на други начини ја опструирале работата на судот, за да не бидат „изведени пред лицето на правдата“, тврди обвинителството во Хаг.
„Со таквите постапки Тачи и Весели се обиделе личните интереси да им бидат поважни од жртвите на нивните злосторства, начелата на правната држава и целокупниот народ на Косово“, оценува Хашкото обвинителство во соопштението и истакнува дека судија на Специјалните совети за Косово во моментов го испитува обвинението за да одлучи дали ќе ја потврди.
Обвинителството не наведува дополнителни поединости за случаите за кои се обвинети за воени злосторства. Судот има седиште во Хаг првенствено за да се заштитат сведоците, бидејќи пред неговото основање некои истраги за високи офицери на ОВК беа попречени поради исчезнување и смртни случаи под неразјаснети околности на некои предложени сведоци, па дури и заштитени, како и застрашувања и притисоци врз лица кои би можело да се јават како сведоци. Досега ниеден од челните луѓе на ОВК не е осуден за воени злосторства.
Специјалните судски совети судат по законите на Косово, ги сочинуваат меѓународни судии и обвинители, а ги финансира Европската унија.
Тачи и Весели беа меѓу главните команданти во ткн Ослободителна војска на Косово (ОВК – UCK) во текот на судирите со српските сили на крајот од деведесеттите години од минатиот век кои завршија со интервенцијата на НАТО и бомбардирањето на Србија. Двајцата и порано негираа вмешаноста во воени злосторства.