
Во последниот дуел од саботната програма на италијанската Серија А, фудбалерите на Лацио на својот терен во Рим со 2:1 ја совладаа Фиорентина и останаа во трката за шампионската титула.
Фиорентина подобро го започна натпреварот и поведе во 25 минута со погодокот на 37-годишниот француски ветеран Франк Рибери. Меѓутоа, Лацио во вториот дел успеа да направи резултатски пресврт, прво Чиро Имобиле од контроверзен пенал израмни во 67 минута, а Луис Алберто осум минути пред крајот на средбата им ја донесе победата на домашните,
Лацио сега со 65 бодови и натаму има четири бода помалку од водечкиот Јувентис, додека Фиорентина е моментално е 13-та со 31 бод.
Претходно Калјари на домашен терен со 4:2 беше подобар од Торинo. „Островјаните“ поведоа во 13 минута со голот на Нахитан Нандез а веќе во 18 минута нивното водство го удвои Џовани Симеоне. Веќе во вторта минута од второт полувреме Раџа Наинголан му донесе убедлива предност на Калјари од 3:0, но Торино со брзи да гола си ги подгреа надежите дека може да остане непоразен. Прво во 61 минута погоди Бремер а во 66 минута Андреа Белоти намали на 2:3. Сепак, веќе во 70 минута Жоао Педро реализираше пенал за конечните 4:2.
Калјари ја зачува десеттата позиција на табелата со 38 бодови, а Торино е 14-ти со 31 бод.
Џенова на Горан Пандев освои важен бод во борбата за опстанок на гостувањето кај последната Бреша. Домашните поведоа уште во 11 минута со погодокот на Алфредо Донарума, а веќе во 14 минута имаа водство од 2:0 преку Алесандро Семперини. Без никаква игра, во моментите кога се очекуваше Бреша да го зголеми водството, Џенова успеа да намали од чудно досудениот пенал во 38 минута, кој го реализираше Иаго Фалке, кој во 53 минута беше заменет со Горан Пандев. Конечните 2:2 ги постави со уште еден удар од белата точка Андреа Пинамонти во 71 минута. Бреша остана последна со 18 бодови, сега осум помалку од 17-та Џенова, која ја држи позицијата која гарантира опстанок во елитата, но е само бод над опасната зона.
Во недела се играат натпреварите: Милан – Рома, Наполи – СПАЛ, Удинезе – Аталанта, Сампдорија Болоња, Сасуоло – Верона и Парма – Интер.