„Темелно го спречивме упадот на злокобниот вирус и задржавме стабилна епидемиолошка состојба и покрај глобалната здравствена криза, што претставува блескав успех“, рече Ким Џонг Ун.
Тој предупреди и ги повика луѓето од Северна Кореја да останат „исклучително претпазливи“, се вели во соопштението на КЦНА.
Состанокот на Политбирото доаѓа во време кога многу земји ги олеснуваат блокадите, и покрај тоа што светот брзо се движи кон мрачните броеви од 10 милиони потврдени, а половина милион починати од коронавирусот.
Северна Кореја повторно ги отвори училиштата, но ја задржа забраната за јавни собири и наложи носење маски на јавни места, изјави во средата претставник на Светската здравствена организација (СЗО).
Иако државата сè уште нема потврдено ниеден случај на зараза, за што експертите велат дека е малку веројатно, нејзиното Министерство за здравство објави дека досега биле тестирани 922 лица – сите негативни. Стотици луѓе, претежно оние вработени во пристаништата или на границите, редовно се ставаат во карантин.