Филипче: Системот широко тестирање и следење контакти е одличен во борбата со ковид

Простото споредување само на бројките не е показател на состојбата, туку битно е да се знае на што се должи зголемениот број новодијагностицирани лица со ковид-19, вели министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека системот што се спроведува во земјава на широко тестирање и идентификување на сите, па и асимптоматските пациенти е одличен, бидејќи на тој начин се намалува притисокот врз здравствениот систем.

„Огромен процент од новодијагностицираните се асимптоматски или со лесна слика, но со тестирањето можеме да предвидиме што ќе се случи како притисок врз болничките капацитети, како врз болниците, така и врз кадарот. Сметам дека системот на широко тестирање е одличен, секако друг пристап може да значи дека во еден миг болниците ќе бидат затрупани со пациенти, а тоа сакаме да го избегнеме“, рече Филипче.

Тој посочи дека бројот на новозаразени секаде во светот е во пораст како резултат на попуштање на рестриктивните мерки. Изутринава на состанокот на Комисијата за заразни болести се разговарало за зголемениот број заразени и во околните земји и биле остварени и комуникации со здравствените власти во сите околни земји, со цел да се согледа вистинската епидемиолошка слика во регионот.

Тој ги отфрли како невистинити забелешките за политичка заднина на одредени одлуки од страна на Комисијата, истакнувајќи дека напротив тие се засновани на медицински, епидемиолошки показатели, параметри и податоци што се анализираат.