Трагична пресметка во Батинци, една жртва и тројца ранети, напаѓачот во бегство

Караница во угостителски објект во скопското село Батинци изминатата ноќ имала трагичен епилог, откако прерансала во вооружена пресметка во којашто едно лице го загубило животот а уште три други се ранети, пренесува Министерството за внатрешни работи чиишто припадници трагаат по осомничениот.

Во СВР Скопје синоќа било пријавено дека во Градската општа болница “Св.Наум Охридски“ бил донесен повреден 29-годипшниот Ш.П. од скопското село Батинци, скопско, со повреди од нож, кој за кратко време починал.

Во меѓувреме донесен бил и 28-годишниот Н.С. исто така од Батинци и исто така со повреди. Со возило на итна медицинска помош во Комплекс клиники “Мајка Тереза“ пренесени се и 39-годишниот М.С. од Батинци кој бил повреден од огнено оружје, и 25-годишниот И.Г. Батинци кој бил повреден со нож.

Според првични информации, во двор на угостителски објект во Батинци, сопственост на 27-годишниот Р.Џ. од село Црн Врв најпрво дошло до нарушување на јавниот ред и мир, а потоа било употребено огнено оружје и нож. Постои основано сомнение дека можен сторител е Н.З. од селото Батинци кој е во бегство и по кого се трага. На местото на настанот била пронајдена една чаура и два неиспукани проектила, информираат од МВР.