Наводите дека БРИМА воопшто не спровела анкета не се точни, туку БРИМА не ја објавила анкетата а истата ја спровела во наведениот период, соопшти денеска Канцеларијата на БРИМА во Македонија.
Оттаму додаваат дека истражувањето во јунскиот бран се спровело од 5-ти до 14-ти јуни 2020 година со телефонска анкета (CATI) со национално репрезентативен примерок N=1.174 испитаници на возраст 18+ години.
„Понудата ја прифати еден од клиентите со ексклузивно право на користење и објавување. Дополнително БРИМА на 5-ти јули 2020 има пратено до сите медиуми информација – корекција во која се појаснува точниот датум кога анкетата е спроведена“, тврдат од БРИМА иако повеќето медиуми во земјата таквата анкета и допис не ги добиле во понеделникот.
БРИМА четири пати годишно редовно спроведува омнибус истражување повеќе години. Во рамките на ова истражување е и секцијата за социо-политички стандардизирани прашања во рамки на Политичкиот барометар на БРИМА. Овие податоци кои се сопственост на БРИМА, канцеларијата ги нуди на потенцијални клиенти кои се заинтересирани за нив.
Претходно во понеделникот новинарот Горан Момировски објави дека објавената анкета го заинтригирала, покрај податоците кои досега не ги покажало ниедно испитување за соодносот меѓу партиите, и со тоа што во објавата на неколку провладини портали истовремено не било наведено ниту кога е спроведена, ниту кој е нарачател и кој ја платил.
Покрај тоа, како што рече Момировски во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа чиј водител е, по упорни инсистирање успеал да стапи во контакт со одговорниот во БРИМА Галуп кој е одговорен за истражувањата кој му одговорил преку Вибер дека анкета на Брима Галуп воопшто не била објавено.