Научниците го пријавија третиот веројатно излечен пациент од ХИВ во светот

Бразилец е третото лице во светот кое се излекувало од инфекција со ХИВ, пишува научното списание Science, во студијата во којашто научниците потенцираат дека за конечно да се потврди закрепнувањето, пациентот треба да мине поголем број тестови.

Излекуваниот е 36-годишен маж од Бразил, кој побарал да биде нарекуван само „пациентиот од Сао Паоло“ за да биде зачуван во тајност неговиот идентитет.

Тој бил подвргнат на терапија со агресивна комбинацина на антиретровирусни препарати во содејство со никотинамид, што овозможило да се доведе количеството вирусни честички во неговиот организам на нула. Во март минатата 2019 година престанал со земање на терапијата, и од тогаш ХИВ не е откриен во примероците од неговата крв.

Во повеќето случаи откажувањето од антиретровирусните препарати доведува до раст на вирусните честички во текот на неколку седмици, но тоа не се случило кај „пациентот од Сао Паоло“. Згора на тоа, антителата на ХИВ во неговиот организам исто така опаднале до крајно ниското ниво.

Како што се истакнува во прилогот на списанието, тоа може да значи дека заразените клетки се исчистиле од неговите лимфни јазли и цревата. Сепак, на лекарите сѐ уште им претстојат спроведување низа соодветни проучувања.

Досега потврдени се само два случаи на пациенти кои биле излекувани од ХИВ, а и кај двајцата била изведена трансплантација на коскената срцевина во текот на третманот од карцином.