Во Романија стапи на сила законот против ширење непријатни миризби

Законот за нарушување на комфортот со непријатни мириси стапува на сила во Романија, извести во неделата агенцијата Agerpres.

„Олфактивната непријатност“ – како што гласи нормативниот акт – „е последица на активности што може да влијаат на здравствената состојба на населението и на околината, која субјективно се перцепира како мирис со различен интензитет или објективно измерено во согласност со применливите национални, европски и меѓународни стандарди“.

Поедноставно, доколку, на пример, мирисот на храна којашто ја приготвува домаќинката во својата кујна се распространува на скалилата и другите катови и некој го пријави тоа, може да биде казнета со прилично голема сума. Законот предвидува максимална глобна од 30.000 леи, или 6.300 евра, за физички лица и 80.000 леи, или 16.700 евра, за правни лица.

Појдовен момент за носењето на законот бил владиниот декрет од 2005 година за заштита на животната средина, а иницијатори биле двајца пратеници од партијата Сојуз за спас на Романија.

„Сметам дека луѓето треба да се грижат за добрите односи со соседите. Некои за да го проветрат станот ја отвораат влезната врата, а не прозорецот. Ако тоа се случува редовно, и покрај поплаките на соседите, сега може да се обратите кон законот“, изјави претставничката на партијата, Родика Милитару.

Отсега нивото на непријатната миризба ќе се утврдува во дозволите издадени од локалнтие власт за заштита на животната средина за секоја економска активност, а нарушувањата на утврдените стандарди може да доведе од затворање на таквите компании.