САД го укина специјалниот статус на Хонг Конг

Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша закон со кој ќе се воведат санкции за кинеските лица и субјекти вклучени во постапките за „отстранување на автономијата на Хонг Конг“.

Тој, исто така, потпиша указ за прекин на специјалниот третман на Хонг Конг откако Кина донесе нов контроверзен закон за безбедност, пренесува Би-би-си.

„Хонг Конг сега ќе биде третиран исто како и континентална Кина“, рече Трамп.

Покрај тоа, тој потпиша закон за воведување санкции за кинеските службеници што ги прекршуваат правата во Хонг Конг, а Кина рече дека ќе реагира.

Хонг Конг досега уживаше во уникатна слобода што е преседан во Кина, но многу граѓани стравуваат дека новиот закон за безбедност наметнат од Пекинг ќе го поткопа тоа.

Трамп рече дека неговата извршна наредба ќе му стави крај на повластениот третман за Хонг Конг.

„Нема посебни привилегии, нема посебен економски третман и нема извоз на посебни технологии“, рече Трамп, кој првпат таквиот чекор го најави уште во мај.

Тој, исто така, им рече на новинарите дека го потпишал Законот за автономија на Хонг Конг, кој Конгресот едногласно го усвои претходно неделава.

„Овој закон ѝ дава на мојата администрација моќни нови алатки за одговорно работење на поединците и субјектите вклучени во гаснењето на слободата на Хонг Конг“, рече Трамп на прес-конференција, додавајќи дека не планира да разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг.

Покрај тоа, тој им рече на новинарите дека смета дека Кина е целосно одговорна за прикривањето на вирусот.

Кинеското Министерство за надворешни работи во изјава ги осуди најновите потези на Соединетите Држави, повикувајќи го Вашингтон да престане да се меша во внатрешните работи на Кина.

„Кина ќе ги преземе неопходните мерки за да ги заштити своите законски интереси“, се вели во соопштението.

Одземањето на специјалниот статус на Хонг Конг значи дека компаниите со седиште во Хонг Конг ќе треба да преиспитаат што значи ова за нивниот бизнис.

Имено, Хонг Конг е центар за повторен извоз, што значи дека стоката што поминува низ Хонг Конг кон Соединетите Држави, но пристигнала од друга земја (на пр. Кина), ги избегнува царините наметнати од Соединетите Држави кон таа земја (во овој хипотетички случај – Кина).

Сега, кога Хонг Конг веќе нема посебен статус, кинеските компании од континентална Кина можеби ќе побараат друга локација за извоз на стоки, а пристаништата и логистичките компании може да претрпат огромни загуби.