Вечерва во терминот од 19:30 часот во рамките на 34 коло од италијанската Серија А се одиграа четири натпревари, а за нас најинтересни секако беа дуелите меѓу Џенова и Лече, односно Наполи и Удинезе.
Џенова со Горан Пандев во стартниот состав успеа да слави во директната битка за опстанок против Лече со 2:1 на домашен терен.
Во второто полувреме Лече тргна поагресивно кон голот на домаќините, а тоа резултираше со погодок во 60 минута за 1:1. Стрелец на погодокот беше Манкосу кој успеа делумно да се искупи за промашувањето од белата точка. Сепак, Габриел во 81. минута ја затресе сопствената мрежа за 2:1 во корист на Џенова, а „Грифоните“ успеаја да ја задржат предноста и да дојдат до мошне важни три бода во битката за опстанок.
Со оваа победа Џенова останува прва над опасната зона и сега има четири бода повеќе од Лече кој е на 18 место на табелата. Нашиот Горан Пандев одигра 90 минути, откако во самиот финиш на мечот беше заменет од страна на Фавили.
Наполи на домашен терен го пречека тимот на Удинезе, во меч кој беше директна пресметка на македонските репрезентативци Елиф Елмас и Илија Несторовски. Несторгол беше стартер и го одигра целиот меч, додека Елмас стартуваше од клупата за резерви и доби шанса во 80. минута од мечот.
Родриго Де Паул ги доведе гостите во водство во 22 минута од мечот, но по девет минути игра Милик успеа да го израмни резултатот на 1:1. Наполи имаше целосна доминација на натпреварот, создаде голем број шанси, но никако не успеваше да го пробие бедемот на гостите, се до петтата минута од судиското надополнување, кога Политано успеа да ги постави конечните 2:1.
На останатите натпревари, во дербито на дното, Бреша успеа да го совлада СПАЛ со 2:1, додека Фиорентина со 2:0 беше подобра од Торино.