
Кандидатот за прв премиер Албанец на Македонија кој го промовира ДУИ, Насер Зибери, првпат се огласи во јавност по одржувањето на изборите и во разговор за „Слободна ТВ“ вели дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не отстапува од идејата тој да биде мандатар за составување на Влада, но и дека е подготвен на компромис.
„Според информациите кои ги имам, Али Ахмети останува на идејата јас да бидам идниот мандатар и нема отстапување од таа идеја досега, но, се разбира, не се затвораат сите врати. Впрочем, продуктот на создавање парламентарно мнозинство е резултат на преговори и тие преговори ќе ги дадат идните резултати. Но, аргументите негови одат во насока јас да бидам идниот мандатар. Претседателот на државата е Македонец, претседателот на Собранието може да биде Македонец, а ние сакаме да ги срушиме сите бариери во врвот на државното владеење“, рече Зибери во својот одговор на прашањето дали ќе биде иден премиер.
Поранешниот пратеник во македонското Собрание во два мандата и министер за труд и социјална политика во 1990-те години, рече дека во моментов „Али Ахмети не е на одмор како некои други“, алудирајќи на челникот на победничката СДСМ, Зоран Заев, и дека постојано одржува контакти со сите кои би можеле да состават влада.
Зибери, инаку, беше во раководството на поранешната Партија за демократски просперитет (ПДП), тогаш единствена партија на македонските Албанци која беше постојан коалициски партнер на СДСМ до 1998 година.
„Ние мораме што побрзо да ги конституираме органите на власта. Долго време немаме Собрание, имаме светска епидемија и економски последици. Треба да се најде една заедничка платформа околу која ќе се свика парламентарна седница. Да се избере претседател на Собрание и претседателот на државата да се увери дека политичките субјекти имаат обезбедено мнозинство, за тој да го определи мандатарот за формирање на Влада“, рече Зибери.
Додаде дека лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕс, според него, немале право да бараат пратеник повеќе за да може да формираат влада, да се почитува начелото победник со победник. Но токму партијата којашто неговиот избор за премиер го условува за коалицирање во идната влада, на претходните избори во 2016 година го наруши овој воспоставен принцип на „победник со победник“ и ја напушти дотогашната коалиција и наместо со тогаш победничката ВМРО-ДПМНЕ формираше влада со поразениот СДСМ.
„Можноста од преземање на пратеници од лево кон десно или десно кон лево, мислам дека би било најлошата услуга која може да ѝ се случи на државата. Треба да се испочитува волјата на граѓанинот и нема право ни Заев, ни Мицкоски, ни Ахмети да тргува. Нема право да бараат Заев и Мицкоски пратеник повеќе за да може да формира влада. Треба да се почитува и начелото победник со победник“, додаде Зибери.