Претпладнето не фунционираат интернет страните на Министерството за здравство и Министерството за образование и наука, откако синоќа беа нападнати од македонските „Анонимуси“.
На сајтовите се појави црна заднина со текст и слика од „Анонимуси“ .
„Пак ние. Овојпат најбедното министерство е наш таргет, Министерството за смрт. После се’ што видовме со наши очи, не можеме а да не останеме гневни на сите тие синови и ќерки ставени на позиција да водат Министерство за здравство, каде што здравјето и животите на сите тука ни зависат! И покрај сите гневни пораки сега ќе испратиме и една добра: за сите медицински лица кои во моментов се во болниците и се борат 24/7 за сите Македонци заболени со ковид-19, ви симнуваме капа и ви се поклонуваме до земја. Секоја чест“, порачаа хакерите.
Одговорноста за хакерскиот напад ја презема групата која стои зад профилот ANONOPSMKD, која ја презеде одговорноста за паѓањето на страницата на Тајм.мк, во средата.
На Twitter „Анонимуси“ објавија линк од мејл адресите на сите во Министерството за здравство. Претходно се заканија дека ќе изнесат во јавност некои компромитирачки мејлови.