
Питер Грин, еден од основачите на британската рок-група Fleetwood Mac, умре на 73-годишна возраст, објави во саботата адвокатското биро на неговото семејство.
„Со голема тага семејството на Питер Грин обајвива дека почина викендов, мирно во сон“, се наведува во изјавата која ја пренесе новинската агенција Press Association (PA).
Роден како Питер Ален Гринбаум, во 1946 година во Лондон, Грин беше познат британскио блуз-рок гитарист, пејач, кантавтор и движечка сила на беднтот Fleetwood Mac.
Заедно со седумте други членови на групата во 1998 година беше вброен во Домот на славните на рокенролот, а се прослави со нумерите како што се „Albatross“ и „Black Magic Woman“.
Групата ја основаше со тапанарот Мик Флитвуд во 1967 година во Лондон. Грин го напушти бендот веќе по три години, во 1970 година поради нарушено ментално здравје. Како што наведува агенцијaта, Грин во средината на 1970-те се подвргнал на електрононвулзивна терапија за шизофренија.
Fleetwood Mac постојано го менуваше не само составот туку и музичкиот стил кој се движеше од блуз-рок до арт-поп, што овозможи да биде слушан од различни генерации љубители на музиката. Покрај споментите Грин и Флитвуд, во бендот учествуваа и американската пејачка Стиви Никс, гитаристот и вокалист Линдзи Бакингам, британскиот басист Џони Макви, неговата поранешна сопруга, британската пејачка и клавијатуристка Кристин Мекви, британскиот клавијатурист Дени Кируин, кој почина во 2018 година на 68-годишна возраст, и британскиот гитарист Џереми Спенсер.