Бегалец од Руанда под официјална истрага за пожарот во катедралата во Нант

Франциското обвинителство отвори службена истрага против осомничен маж во неделата утрото, откако признал дека подметнал пожар во катедралата од XV век во градот Нант.

Триесет и деветгодишниот маж, бегалец од Руанда, кој доброволно работел како чувар во катедралата на свети Петар и Павле, обвинителите ги испрашувале повторно во саботата вечерта и сега е ставен во притвор, објави парискиот дневен весник Le Monde.

Цитирајќи го обвинителот Пјер Сенес, весникот пренесува дека осомничениот ја признал одговорноста за огнот кој на 18-ти јули го подметнал на три различни места во црквата, под големата органа, под малата органа и под разводната кутија за струја. Првично го негирал тоа.

Идентитетот на осомничениот не е соопштен за јавноста. Неговиот адвокат Квентен Шабер, изјавил за Le Monde, дека неговиот клиент „горко се кае поради тоа што го сторил“. „Мојот клиент соработува“, додал адвокатот.

Радиото France 3 пренесува дека мажот кој бил приведен на 19-ти јули, ден по пожарот, сега се соочува со обвинение за намерно оштетување имот, за што е одредена затворска казна до 10 години и глоба од 150.000 евра.

Мотивите засега не се соопштуваат. Само е познато дека волонтирал во храмот и дека на денот на пожарот требало да ги затвори портите на црквата. Но според снимките од надзорните камери, тој ја напуштил црквата 15 минути откако се огласил алармот за пожар.

Пожарот во соборниот храм на светите Петар и Павле, кој претставува споменик на готската архитектура, на 18-ти јули неколку часа го гаснеа повеќе од 200 пожарникари. Сепак, не успеаја да ги спасат познатите витражни прозорци од времето на Луј XII и уникатнта органа од барокниот период.

Катедралата на свети Петар и Павле во Нант е започната во 1434 година и се градела цели 457 години, до 1891 година. Станува збор за една од најголемите готски цркви во Франција. Пред овој голем пожар го зафати храмот во 1972 година, кога беше уништен покривот. Беа потребни 13 години да се отстранат поледиците од тој пожар, а катедралата повторно беше отворена за верниците во 1985 година.