Државата со сериозна грижа за жртвите на семејно насилство

Mинистерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска на прес конференција за медиумите информираа за Предлог-Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.
Владата на Република Македонија на вчерашната седница го разгледа и усвои Предлог-Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство и истиот ќе биде доставен на јавна расправа во која учество ќе можат да земат невладините организации, експертите, институциите.

„Со донесување за првпат на нов посебен Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, не само што го следиме примерот на многу европски земји и земји од нашето опкружување во кои со посебен закон е регулирана оваа материја, туку овој нов закон и во голема мерка ќе понуди нови механизми и концепти за сузбивање на семејното насилство.“ посочи Спасов

Овој предлог на закон ги дефинира начелата на кои ќе се заснова почитувањето на достоинството и личниот интегритет на жртвите на семејно насилство, третирајќи го овој проблем како повреда на основните човекови права.Како основни начела се предвидуваат и начелото на итност и одговорност на надлежните институции, интерсекторско постапување и координирање.

„Во однос на видовите на семејно насилство, ќе се прошири опсегот на заштита и за жртвите на економското искористување. Во новиот предлог закон децидно се определени институциите и нивните надлежности и одговорности за постапување: институциите кои вршат дејност од областа на социјалната заштита, детска заштита внатрешните работи, здравството, вработувањето и образованието, надлежен суд, ЗЕЛС, вклучително и здруженијата на граѓани.

Утврдена е одговорноста за пријавување на сознание за сторено насилство до полициска станица или центар за социјална работа, за секој оној кој има вакви сознанија и тоа за граѓаните, но и за службените и одговорните лица во сите правни субјекти.