Почнуваат формалните преговори меѓу СДСМ и ДУИ

Партиите победници на изборите на 15 јули СДСМ и ДУИ почнуваат формални преговори за формирање на Влада, дознава ТВ21 од партиски извори.

Официјално, СДСМ на завршените избори освои 46 мандати, додека ДУИ 15, кога ќе се спојат ќе имаат доволно за формирање на нова Влада.

И покрај реториката на Зоран Заев дека е време ДУИ да замине во опозиција за време на кампањата, во последно време доаѓаат сигнали дека овие две партии би можеле одново да бидат во постизборна коалиција.

Заев моментално е на одмор, и најави разговори со партиите за формирање на Влада после Илинден.

И покрај жалбите на дел од партиите за изборните резултати, сепак, најпрво ДИК ги отфрли сите приговори, а потоа Управен суд и сите тужби на партиите. ДИК во саботата ги предаде мандатите на партиите, и сега на ред е формирање на Собранието, и нова Влада.

Денеска од СДСМ најавија дека ќе формираат влада, согласно волјата на граѓаните на штотуку завршените избори.