Членовите на Комисијата за заразни болести и работната група на Министерството за образование и наука (МОН) денеска треба да го продолжат состанокот за протоколите со кои се утврдува начинот на реализација на наставата од 1 септември за сите предложени модели. Иако беше најавувано дека на 10 август ќе бидат финализирани протоколите за почеток на учебната 2020/2021 во услови на пандемија, состанокот вчера заврши без заклучоци и со известување дека ќе продолжи денеска.
Министерството за здравство информираше дека разговорите продолжуваат со цел да се изнајде и договори најдобро и најбезбедно решение за начинот на одвивање на наставата и дека финалната одлука за начинот на одвивање на наставата ќе ја има МОН.
-Комисијата за заразни болести ги подготви мерките за заштита и потребните протоколи што треба да се запазат за заштита на децата и наставниците во текот на наставниот процес. Сепак, финалната одлука за почеток на учебната година и начинот на одвивање на наставата е во надлежност на Министерството за образование и наука. Разговорите меѓу Комисијата за заразни болести и МОН продолжуваaт утре, соопшти Министерството за здравство.
Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска за МИА вчера изјави дека се разговарало за предлозите за времетраењето на наставните часови и за потребата од измени на законите доколку тие бидат скратени од регуларните 40 во основно односно 45 минути во средно образование.
Одлуката за скратени часови, како што рече, треба да има и правна рамка и да биде усогласена со законите за основно и за средно образование. Измените треба да ги донесе Собранието кое до 1 септември се очекува да биде функционално. Исто така, се разгледува и потребата што би ја имале општините од дополнителна финансиска или друга поддршка за хигиена на училишните објекти, за превоз на ученици односно за спроведување на сите инструкции што ќе ги содржат протоколите. Тие ќе имаат детали за три вида настава во зависност од епидемилошката состојба во одредена средина – со физичко присуство, онлајн-настава и комбинирана.
Наумовска посочи дека постојано се во разговори со градоначалници и со директори на училишта за реалните состојби и проблеми, во координација се и со ЗЕЛС, ги добиле и мислењата на синдикатот за образование СОНК. Рече дека ако успеат да ги завршат консултациите, оваа точка може да биде на дневен ред и на денешната седница на Владата.