Претседателот и премиерот на Либан знаеле за опасноста од експлозија, но не преземале ништо

Претставници на либанските безбедносни служби ги предупредиле премиерот и претседателот уште минатиот месец дека 2.750 тони амониум нитрат, кои биле складирани во пристаништето во Бејрут, претставуваат безбедносен ризик и може да го уништат градот во случај на експлозија, дознава „Ројтерс“.

Нешто повеќе од две недели подоцна, на 4 август, се случи експлозија во која загинаа повеќе од 163 лица, повредени се повеќе од 6.000 и уништени се околу 6.000 згради.

„Ројтерс“ наведува дека имал увид во извештајот на Генералниот директорат за државна безбедност за настаните што довеле до експлозија, а внимание им привлекло писмото испратено до претседателот Мишел Аун и премиерот Хасан Диаб на 20 јули.

Иако содржината на писмото не била во извештајот, еден висок либански службеник за безбедност рекол дека со писмото се сумирани наодите од судската истрага започната во јануари, во која се заклучува дека хемикалиите треба да бидат обезбедени веднаш.

Либанската влада вчера поднесе оставка, по масовните протести што уследија по катастрофалната експлозија во Бејрут која се случи минатата недела.

Штетата предизвикана од експлозијата се проценува на 15 милијарди долари.