Без обезбедено мнозинство, Заев го доби мандатот за состав на Влада

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев го доби мандатот за состав на нова Влада од страна на претседателот на Македонија, Стево Пендаровски.

Во говорот, Заев рече дека новата ќе посилно ќе работи на концептот „Едно општество за сите“.

-Од овој момент, во рок од 20 дена имаме задача да составиме предлог за програма и за кадри кои демократското мнозинство во Собранието ќе ги изгласа и со тоа ќе довери полн четиригодишен мандат на стабилна Влада која е подготвена да служи и која ќе се грижи за сите граѓани подеднакво. Пред македонското Собрание ќе испорачам предлог за Влада составен од квалитетни, одговорни и отчетни кадри која е решена и која силно ќе се бори со корупцијата на сите нивоа. Особено внимание ќе посвети на делот за прочистување на правосудството и потеклото на парите кај секој функционер. Програмата на владата ќе биде посветена на македонската економија, каде главните принципи се платите и пензиите да продолжат да растат. Да вложуваме во младите и во рамномерниот регионален развој. Да водиме посебна и уште поголема грижа за најсиромашните граѓани и дадаваме постојана поддршка на македонското стопанство, рече Заев.

Според него, Македонија ќе добие Влада кој го следи јасниот правец кој го определило мнозинството граѓани.

-Ќе водам Влада која не знае за скршнување од патот кој по членството во НАТО води до членството во Европската унија. Ќе водам Влада која во целост ќе ги почитува Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство и Рамковниот договор, рече Заев.

На прашањето дали коалицијата „Можеме“ има 61 пратеник за формирање Влада, Заев одговори дека во следните 20 дена ќе се работи на тоа да се обезбедат доволно пратеници за формирање стабилна Влада.

Во поглед на можните коалиции, Заев рече дека не сака да ги наруши перспективите на успешниот преговарачки процес, но сепак реши да открие дека денеска повторно ќе се сретне со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.