Али Ахмети го извози Насер Зибери за лични интереси

Настапот на ДУИ на предвремените избори некои го нарекоа добро осмислен политички трик, други последен крик кај Албанците за скривање на сопствените матни работи, а кои ги плаќаме сите, и Албанци и Македонци и останатите. Промовирањето на идејата за прв Албанец премиер е последната надеж за ДУИ на романтичен-национализам да ги измами гласачите, но и нивниот кандидат Насер Зибери кој има завидна политичка кариера, како дел од ПДП беше пратеник и министер, а пред кандидатурата работеше како нотар во скопски Чаир.

Надвор од сите очекувања измамата успеа, ДУИ освои 15 пратенички мандати кога сите сакаа да ги отпишат, иако во тоа имаше негативно-позитивна кампања за коалициските партнери во претходниот состав. Навидум се караа и на скриен национализам освојуваа гласови во што беа вклучени двајца од семејството Зибери – Насер и Арбен (внук), кој беше директор и се избори за пратенички мандат. Што доби Насер Зибери? Дали беше изигран од раководството на ДУИ?

На ваквите прашања и сето она што се пропагираше за време на изборната кампања пред некој ден Насер Зибери рече: „Немам коментар“!

На ДУИ јасно и беше кажано дека нема шанса да има Албанец премиер и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, а изборите не би имале смисла. За да не биде фијаското поголема осмислија конструкција на 100 дена пред изборите да има Албанец премиер, иако и на двете партии им е јасно дека ќе има предвремени избори, така што математиката има многу непознати, особено ако се има предвид дека ВМРО-ДПМНЕ ја оспорува идејата за отстапување од „Пржинскиот договор“ 100 дена да имаме технички премиер одобрен и од опозицијата, како и министерските места во МВР и Труд и социјална политика и заменички места.

Во сопствените битки за места во Владата со СДСМ ДУИ заборави на ветувањата дадени во предизборната кампања, а се чини и дека тотално го заборави кандидатот за премиер Насер Зибери и не го предложија министер кој подоцна ќе седне во премиерската фотелја.

Дека нешто не е во ред се виде уште вчера кога не успеа собраниската седница за избор на претседател на Собранието, покрај тоа што местото е за Талат Џафери, по што требаше да се помине на избор на новата Влада. Од утрово се најавија комбинации со кои ќе амортизираат апетитите на Артан Груби и Бујар Османи, Груби за прв вицепремиер и Османи за министер за надворешни работи, односно во игра се вклучува и Изет Меџити, но Зибери пак не се спомнува. Неговиот внук Арбен, како еден од незадоволните пратеници на Ахмети вчера, во лутина при напуштањето на Собранието со автомобилот удри во една од металните заштитни огради. Првичните оценки беа дека се работи за незадоволство поради изборот на Артан Груби и Бујар Османи за прв вицепремиер и за министер за надворешни работи.

Сума сумарум – Ахмети ја најде вистинската личност, Насер Зибери, угледен политичар и кај Албанците и кај Македонците, но за еднократна употреба. Ова значи дека уште да го предложат како кандидат за премиер мислеле само како да си ги заштитат личните интереси и да го насамарат Насер Зибери