Мицевски: ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи Џафери за претседател на Собранието

ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи предлогот за реизбор на Талат Џафери за претседател на Собранието, рече Никола Мицевски од редовите на опозициската партија со образложение дека Џафери и во изминатиот мандат не ја вршел добро функцијата.

„Ако денот по утрото се познава ќе имаме лош ден. Да дадеме пример дека овој законодавен дом може да работи и по закон и по устав, но ова владејачко мнозинство е истото владејачко мнозинство што го злоупотребуваше Деловникот на Собранието. Со 62 пратеника нема функционалност ниту стабилна работа во овој законодавен дом, а нема ниту далеку да стигне. Гледате, два дена се менаџирате и давате разно разни изјави во медиумите и тешко ви оди“, рече Мицевски и додаде дека како проблем во претходниот пратенички состав, водено од истово парламентарно мнозинство, било тоа што се носеле и бројни закони по скратена постапка.

Тој додаде дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи изборот на Талат Џафери затоа што во предлогот стои дека „во претходниот мандат успешно го водел Собранието“, а според Мицевски ако така мисли парламентарното мнозинство, смета дека имаат проблем.

Пратеникот Јован Митревски од редовите на СДСМ реплицираше дека законите кои претходниот парламентарен состав ги носел по скратена постпка, биле согласно Деловникот, а тие претежно биле закони за прекршочни постапки со кои се намалиле казните за граѓаните.

Продолжува конститутивната седница на која точка на дневен ред е изборот за претседател на Собранието.