Најмалку 13 мртви во стампедо во ноќен клуб во Перу по упад на полицијата

Најмалку 13 лица загинале а уште шест се повредени во стампедото кое настанало при обид за бегство од ноќен клуб во кој упаднала полицијата бидејќи бил отворен и покрај рестрикциите воведени во борбата со епидемијата од коронавирусот, соопштија во неделата властите.

Меѓу повредените се и тројца полицајци, откако масата од 120 луѓе во саботата околу 21 часот по локално време, 4 часот во недела наутро по македонско време, се обиделе да побегнат од ноќниот клуб „Thomas Restobar“ кога полицијата започнала со растурање на забавата, соопштија локалните функционери и полицијата.

Специјалните полициски реагирале по пријава на соседите за нарушување на мерките во клубот. Притоа биле уапсени 23 лица, а истрагата настојува да утврди кој е вистински сопственик на клубот и кој ја организирал забавата. Во соопштението се додава дека луѓето се обиделе да избегаат низ единствениот влез и излез и станале заробени меѓу ова место и скалилата кои воделе кон улицата.

„Во овие околности, кога луѓето се борат да излезат надвор, настануваат тисканици и сите се свртуваат едни против други“, изјави полицискиот началник Орландо Веласко за локалното радио RPP.

Перу нареди затворање на ноќните клубови и барови во март и забрани поголеми семејни собирања на 12-ти август, кога според податоците стана втората најпогодена земја во Латинска Америка од коронавирусот. На сила е полициски час.

Пери заклучно со податоците од саботата бележи 585.236 случаи на коронавирусот, што е двојно повеќе отколку на 2-ри јули. Бројот на починатите се зголеми на 27.453 лица.