
Римската болница „Спаланѕани“ (Spallanzani) во понеделникот започна со тестирање на потенцијална вакцина против коронавирусот на луѓе, чие производство може да започне идната пролет доколку тестовите се покажат успешни.
Вакцината ќе ја примат 90 лица избрани меѓу три илјади пријавени доброволци. Првиот учесник во тестирањето веќе ја примил дозата од вакцината во болницата која е специјализирана за заразни болести. Сите учесници ќе добијат по 700 евра за тестирањето.
„Умот и науката на нашата држава работат во цел на светската борба против Covid-19“, порача италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца, кого го цитира новинската агенција Ansa.
Вакцината во Италија ја развила компанијата „ReiTHera“ со седиште во Кастелромано крај Рим, во соработка со минхенската компанија „Leukocare“ и бриселската „Univercells“.
Според првичните истражувања, вакцината поттикнува развивање антитела и активност на клетките од имунолошкиот систем. За развој на препаратот издвоени се осум милиони евра.
„Заинтересирани сме вакцината да биде делотворан. Доколку сѐ оди според распоредот, се надеваме дека производството ќе започна напаролет“, изјавил директорот на споменатата римска болница, Франческо Ваија.
„Првиот волонтер кој утрово ја прими вакцината ќе биде четири часа под надзор на тим лекари, а потоа ќе се врати дома и ќе биде под медицинско набљудување 12 седмици“, појаснува Ваија.
Според него, следните двајца доброволци вакцината ќе ја примат во среда, а постепено ќе ја добијат сите 90 во следните 24 седмици. Втората и третата фаза од тестирањето веројатно ќе се спроведуваат во Латинска Америка, каде што вирусот забрзано се шири, додава директорот на „Spallanzani“.