Досегашната министерка за правда Рената Дескоска денеска му ја предаде функцијата на новиот министер Бојан Маричиќ.
Маричиќ најави крупни реформски потфати во првите сто дена од својот мандат за ефикасно и објективно прочистување и деполитизација на судството и обвинителството.
Тој најави и ЕУ мониторинг на судските предмети на висока корупција како гаранција за фер и непристрасно судење и ефикасен судски процес, како и законски обврски со кои Јавното обвинителство ќе биде должно редовно, континуирано и јавно да информира за напредокот по предметите кои ги следат граѓаните.
Маричиќ вети и финансиската поддршка за зголемување на бројот на стручни соработници за секој судија и јавен обвинител и ефикасна и ефективна судска и јавно-обвинителска администрација, намалување на судската такса, како и надоградба на АКМИС системот каде што комуникацијата со сите странки ќе се одвива и електронски со што ќе се олесни пристапот до судската власт.