1.8 C
Skopje
понеделник, декември 23, 2024

(ФОТО) Почна средношколскиот протест за комбинирана настава пред МОН

Пред Министерството за образование и наука започна протестот организиран од Сојузот на средношколци. Ученици и родители со маски на лице и транспаренти бараат воведување на комбинирана настава од 1 октомври, пренесува Радиомоф.мк.

Тие се против наставата да почне онлајн во сите средни училишта, како што е планирано, туку со комбиниран модел односно ротирање на средношколците во класовите на секои два дена (следење на наставата онлајн и физичко присуство) и пристапот да не биде централизиран, туку секоја општина да организира модел според епидемиолошката состојба односно број на заразени.

Родители, пак, за Радио МОФ велат дека сакаат наставата уште утре да започне во училница. Наставните програми се проектирани да траат од 1 септември, па до јуни, велат тие. Според нив, училишната година ќе биде уништена за генерациите доколку не почнат да одат на училиште.

„Тие родители кои се грижат за здравјето на децата, нека седат дома и нека побараат онлајн настава. Но, тие се малку, децата сакаат да се социјализираат“, изјави еден од родителите.

Непосредно пред протестот, пристигна поддршка од Првата детска амбасада Меѓаши. Оттаму велат дека ова е добар и поттикнувачки пример на детско-младинско учество.

„Упатуваме апел до институциите да обезбедат континуирано и системско учество на учениците, средношколците и основците, во донесување на одлуките од областа на образованието. Ваквото учество не смее да биде сведено на еднократни средби, по кои учениците нема да бидат известени ниту дали, ниту пак како нивните мислења биле земени предвид во донесувањето на одлуките“, велат од Меѓаши.

 

Протестот продолжува кон Владата каде ќе имаат обраќања.

 Фото: Радиомоф.мк