Голема маса луѓе се собраа од рано утрото во средата пред почетокот на протестот под мотото „Големо народно востание“, на првиот ден од работата на бугарското Народно собрание по летната пауза, пренесуваат софиските електронски медиуми, кои известуваат за првите тензии.
Таканаречениот „триаголник на власта“ во центарот на Софија е блокиран од силни полициски кордони, а демонстрантите започнале да ги туркаат возилата на жандармеријата и да фрлаат со јаболка и јајца врз полицајците обидувајќи се да се доближат до главниот влез на парламентот.
Иако станува збор за работен ден, повеќе илјади луѓе се собрале на 56-от ден од протестите кои бараат оставка од владата на премиерот Бојко Борисов и од главниот обвинител Иван Гешев.
Медиумите известуваат дека на бугарскиот претседател Румен Радев, кој ќе говори на отворањето на денешната собраниска седница, и на потпретседателката Илијана Јотова, не им било потребно посебно обезбедување, и тие слободно минале низ редовите на демонстрантите, пречекани со аплаузи и овации.
Потоа следувале три обида да се пробијат полициските кордони, но по неуспешните обиди повеќе демонстранти седнале или легнале на земјата за да не можат да бидат фатени од полицијата. Демонстрантите скандираат „Оставка“, „Борисов – срамота, оставка и затвор“ и порачуваат дека „Секој ден ќе биде вака додека не си поднесе оставка“.
Антивладините масовни протести во Бугарија траат речиси два месеца. Во Софија и во другите градови во земјата секојднено се одржуваат митинзи и протестни поворки, на кои учествуваат од неколку стотици до неколку илјади луѓе. Демонстрантите инстистираат на оставја на премиерот Борисов и на целата влада, како и на главниот државен обвинител. Поради секојдневните протести, во бугарската престолнина и натами се блокирани клучните крстосници, вклучително и централниот Плоштад на независноста, кај софискиот универзитет и на Орлов мост и Цариградското шосе, каде што се поставини шаторите на демонстрантите во кои многумина ги минуваат ноќите.
Според последните истражувања на јавното мнение, антивладините протести имаа безусловна поддршка од 48,3 отсто од испитаниците, 24,7 отсто ги поддржуваат протестите но изразуваат одредени забелешки за нивните организатори, 19,8 отсто се против вакви акции. Од анкетираните 35,2 отсто се изјасниле дека се за одржување на редовните парламентарни избори кои треба да се одржав во март, а 47 проценти ги поддржуваат барањата за предвремени избори.