Кругови во кабинетот на Зоран Заев заговараат голема акција за кривично гонење и притворање на околу 200 лица осомничени за криминал и корупција. Како што брифираат за „Плусинфо“ извори блиски до новата влада, засега не е донесена таква одлука, но има субјекти кои упорно заговараат таква масовна полициско-обвинителска акција.
Операцијата би била наречена „Сабја“. Името е поврзано со полициската акција „Сабја“ во Србија, спроведена непосредно по убиството на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ во 2003 година, во која беа уапсени 11.655 лица поврзани со организираниот криминал, меѓу нив и познати јавни и естрадни личности.
Луѓе во врвот на новата власт заговараат слична, иако не толку масовна акција, со цел новата влада, премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Љупчо Николовски веднаш, на самиот почеток на мандатот, да демонстрираат силна посветеност на борбата против криминалот и корупцијата, за што владата во претходниот тригодишен мандат беше жестоко критикувана.
Како што пишува „Плусинфо“, иницијаторите да се спроведе една ваква акција убедувале дека таа би можела да се искористи и за обновување на некои стари случаи на СЈО, за кривичен прогон на лица од опозицијата, а не е исклучено, по примерот од Србија, на списокот за апсења да се најдат и познати јавни личности.