Туристичките работници ги предадоа барањата за излез од коронакризата

Продолжување на поддршката за придонеси на вработени, и финансиска поддршка за минимална плата до март месец следната година, ослободување на ДДВ за услуги во угостителството во времетраење од една година, ослободување од ДДВ на туристичките услуги кои се извршуваат надвор од Европската унија, и да се поедностави процедурата за субвенции, се дел од барањата на туристичките работници кои на министерот за економија Крешник Бектеши му ги доставија денеска од Здружението за туризам и угостителство од Стопанската комора.

Покрај тоа, туристичките работници побараа и формирање на Гарантен фонд во туризмот, финансиска поддршка за маркетинг активности за дојдовен туризам и зајакната промоција во земјите од регионот и од Европската унија.

Бектеши потсети дека секторот беше фокусот на Владата преку неколку мерки во изминатите неколку месеци поради коронакризата.

– Поддршката за овој сектор ќе продолжи и во наредниот период преку Четвртиот пакет мерки кој е во фаза на подготовка. Мерките ќе се носат со целосна вклученост и консултација на секторот врз основа на реалните потреби – рече Бектеши.

Тој информираше дека во програмата на Владата за четиригодишниот мандат е предвидено намалување на ДДВ на ресторантски услуги, што е едно од долгогодишните барања на туристичките работници.